Перински во Советот на Град Скопје: препреки од централната власт за проектот на ЈП Водовод и канализација – Скопје за еко производство на енергија

На последната седница на Советот на Град Скопје, директорот на ЈП Водовод и канализација – Скопје, Златко Перински посочи дека претпријатието наидува на препреки од централната власт, посочувајќи дека Централниот регистар не дава согласност за спроведување на одлуката донесена едногласно на Советот на Град Скопје за измена на статутот на претпријатието во делот на производство и дистрибуција на електрична енергија. 

„Она кое што мене дополнително ме загрижува е што и да направиме наидуваме на препреки од централната власт, нема да должам многу само ќе ви дадам еден пример. Се сеќавате дека пред две седници сите заедно овде на мое огромно задоволство донесовме едногласна одлука за измена на статутот на претпријатието во делот на производство и дистрибуција на електрична енергија. Но, кога сакавме да ја спроведуваме оваа измена Централниот регистар не ни ја прифати измената на тековната состојба со образложение дека производството на електрична енергија не е комунална дејност. Замислете не е комунална дејност. ЈП Водовод и канализација - Скопје не смее да ја пише во тековната состојба, а истиот Централен регистар во јавното комунално претпријатие во Кочани ја има пишано“, истакна директорот Перински. 

Тој посочи дека постојат двојни аршини и тоа за многу солиден проект кој треба секоја власт да го стимулира во насока на производство на еко енергија која е приоритет за секоја власт. 

„Сега кажете ми вие, не сакам да верувам дека е политичка одлука по кој закон работи Централен регистар. Се соочуваме со момент каде што имаме светска енергетска криза, правиме се што можеме да направиме да произведуваме наша сопствена еко енергија за потребите на претпријатието, почнуваме да бараме средства за физибилити студии, да штедиме ресурси, а не да трошиме и уважените господа од Централен регистар не ни даваат да ја спроведеме одлуката едногласна донесена од Советот на Град Скопје", истакна Перински. 

Се додека постојат претпријатија и јавни институции кои што за некои се мајка, а за други маќеа, резултатот од нивното работење ќе се крши на грбот на граѓаните и на Република Македонија, заклучи Перински.

Колачиња (cookies)

Поставени се колачиња (cookies) на Вашиот уред со цел да се подобри функционалноста на оваа веб страница. MoreInformationCookies