Промоција на нова специјализирана механизација

Генералниот директор на ЈП Водовод и Канализација – Скопје, г-дин Душко Весковски заедно со градоначалникот на град Скопје, г-дин Петре Шилегов, денес на 17.12.2019 (вторник) во 11 часот во просториите на Сервисниот Центар Бутел, ја промовираше обновената механизација за потребите на претпријатието. Обновувањето на механизацијата е од особено значење, првенствено за подобрување и унапредување на работниот оперативен процес, но и за подобрување на условите за живот на граѓаните, како и за грижата за животната средина.

Во оваа фаза беше опфатена набавка на две нови цистерни под притисок со волумен од 4м3, две цистерни под вакуум со волумен од 4м3, како и специјализирано мерно комбе возило за испитување на дефекти на водоводната мрежа. Вкупната инвестиција за обнова на механизацијата изнесува околу 30 милиони денари.

Сакаме да истакнеме дека ова е прва набавка на ваков тип на возила од 2011-та година до денес и во овој момент претпријатието располага со 10 цистерни под притисок и 10 цистерни под вакуум.

Цистерните под притисок се употребуваат во процесот на одзатнување на канализациските цефки од различни профили користејќи вода под притисок, додека пак цистерните под вакуум се употребуваат за црпење на вода при поправки на водоводни дефекти, за црпење на отпадна вода како и за чистење на сливници.

Специјализираното мерно комбе возило е со вградена опрема и опрема за третирање на загуби на вода според најновите стандарди, со што се овозможува детектирање на дефекти, нивно полесно и побрзо лоцирање како и намалување на загубите на вода.

Новите возила со кои е обновена механизацијата на ЈП Водовод и Канализација – Скопје се опремени со најновите еко мотори со емисија на издувни гасови според стандардот Еуро 6, кој се карактеризира со 96% намалена емисија на честички кои делуваат на аерозагадувањето.

Колачиња (cookies)

Поставени се колачиња (cookies) на Вашиот уред со цел да се подобри функционалноста на оваа веб страница. MoreInformationCookies