Во текот на вчерашниот ден, учениците од средното училиште „Димитар Влахов“од Скопје реализираа едукативна посета во Секторот за санитарна контрола при ЈП Водовод и канализација – Скопје.
За време на посетата, учениците имаа можност да се запознаат со процесите на испитување и контрола на квалитетот на водата за пиење. Преку практични примери, тие ги следеа активностите во хемиската и микробиолошката лабораторија, каде се изготвуваат резултати за безбедноста и квалитетот на водата што секојдневно ја користат граѓаните на Скопје.
Оваа посета е дел од континуираните едукативно-информативни активности на Секторот за санитарна контрола, насочени кон деца и млади. Целта е да се подигне свеста за значењето на редовната контрола на водата за пиење и за следењето на состојбата на површинските, подземните и отпадните води, кои се следат систематски секоја година.