Потпишување договори за отпочнување на реализацијата на проектот – “Пречистителна станица за отпадни води – Скопје“

Денес, 20 декември 2019 година, во просториите на Министерството за Финансии во 9:30 се одржа свечена церемонија за потпишување на договорите за Пречистителната станица за отпадни води – Скопје, чиј краен корисник по завршувањето на изградбата ќе биде ЈП Водовод и Канализација – Скопје. 

На свечената церемонија присуствуваa и се обратија ЕУ Амбасадорот г-дин Самуел Жбогар, г-ца Нина Ангеловска – министер за финансии, г-дин Насер Нуредини – министер за животна средина и просторно планирање, г-ѓа Сузан Горансон – директор за инфраструктура на ЕБОР, г-дин Матео Ривелини – директор на сектор на ЕИБ за кредитирање во Словенија, Хрватска и Западен Балкан и г-дин Душко Весковски – генерален директор на ЈП Водовод и Канализација – Скопје. 

На церемонијата се потпишаа проектните договори, финансиските договори како и договорите за грантови, со кои се официјализира почетокот на реализацијата на проектот „Пречистителна станица за отпадни води – Скопје“.  

„Јас сум горд и среќен што денес сме тука да ја официјализираме реализацијата на проектот кој е започнат во далечната 2004, а денес, по 15 години станува реалност. Почнувајќи од 2018 година до сега, ние како ЈП Водовод и Канализација – Скопје вложивме многу ресурси, капацитети и инвестициски чекори за реализација на овој капитален проект, со чија реализација застануваме рамо до рамо со европските и земјите од светот, започнувајќи едно ново поглавје за реализација на капитални проекти за грижа за животната средина следејќи ги ЕУ стандардите“ истакна генералниот директор на ЈП Водовод и Канализација – Скопје, г-дин Душко Весковски, истакнувајќи ги заложбите на претпријатието за реализацијата на овој проект и заблагодарувајќи се на сите засегнати и инволвирани страни за препознавањето на значењето на овој проект, довербата и несебичната поддршка.

 “Подобро утре, започнува денес“ рече министерката за финансии Нина Ангеловска, отворајќи го свечениот настан, на кој сите потписници на договорите го поздравија отпочнувањето на овој проект кој е несомнено од огромно значење  за животната средина. „Овој проект е одраз на посветеноста на Владата за заштита на животната средина и напорите на ЕУ да помогне во изградбата на Пречистителната станица за отпадни води – Скопје. Ова е инвестиција за идните генерации.“ – посочи ЕУ Амбасадорот Самуел Жбогар во своето обраќање. 

Пречистителната станица за отпадни води – Скопје ќе опслужува над 500.000 жители, а нејзината изградба е проценета на околу 136 милиони евра. Ова е еколошки капитален проект кој ќе овозможи третман на урбаните отпадни води согласно ЕУ стандардите, а ќе делува и на намалување на загадувањето на реката Вардар, подобрување на условите во животната средина, а воедно и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните на град Скопје.

 

cssslider.com by cssSlider.com v2.1

Последни соопштенија